Ден пред протестите на ССМ, консензус за недела-неработен ден

На еден ден пред најавениот протест на синдикатите, пратениците на власта и опозицијата решија да го поддржат Законот за работни односи, поточно делот кој предвидува недела да биде задолжително неработен ден. Пратениците усвоија амандман кој вели дека законот ке стапи на сила од први јануари 2022 година. Портпаролката на владеачката СДСМ Богданка Кузеска вели дека тие не се виновни што законот не е донесен во предвидениот рок, туку прстот го впери во опозицијата.
„Во интерес на работниците очекуваме Законот биде усвоен и на пленарна седница. СДСМ стои зад работниците, сакаме заеднички да овозможиме позадоволни и попродуктивни работници и работнички на пазарот на труд од кои придобивки имаат сите“, рече Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
Синдикалците велат дека наместо пратениците да си играат со трпението на работниците, Законот требало да го донесат во јули како што првично беше договорено. Работниците утре излегуваат на протест, поради како што велат игнорирањето на законите кои се од големо значење за работниците во земјава.
„Политичарите не изигруваат со законското решение за работни односи и недела неработен ден. Со недела неработен ден 92 отсто од работниците одмараат, а осум отсто од работниците каде што неможе да биде прекинат процесот на работа треба да добиваат 50 отсто зголемена дневница за работа во недела. Со ова однесување на пратениците губат и вработените во моловите, на кои со законот им се овозможува да работат само една смена или од 10 до 18 часот и за тоа да добијат зголемена дневница за 100 насто“, рече Дарко Димовски претседател на ССМ.
Предлог законското решение во законодавниот дом влезе во јуни, и од тогаш за него не се дебатираше ниту на комисиска седница ниту на пленарка. Првичниот план беше законот да стапи на сила во септември. Со законот се предвидува 92 отсто од работниците да бидат слободни во неделите освен во фирмите каде не е возможно производствениот процес да застане.
Иле Петревски