Струга, приготвени 700 бесплатни оброци за ранливите семејства

Девет готвачи, во Струга, денес приготвија повеќе од 650 топли оброци, кои бесплатно беа поделени на лица од социјално ранливите категории од Струга и Охрид. Иницијативата е на стружанецот Никола Петрески,кој веќе два месеци, храната која што му останува готвејќи за приватни фирми од градот, одлучил наместо да ја фрла, да ја дава на секој кој има потреба од тоа.
„Планиравме 500 оброци, но излегоа,650-700 оброци.Малку напорно е,но со волја да им се помогне на луѓето кои се гладни и на кои навистина им треба топол оброк се собравме сите кувари“, рече Никола Петрески-иницијатор.
Освен од Струга и Охрид, дојдоа готвачи и од Кавадарци, Валандово и Скопје.
„Сѐ беше набрзина направено и е многу возбудливо.За нас куварите возбудливо е за да помогнеме на ранливи категории.За три до четири часа се беше зготвено. Има плескавици, ориз, пире, копани, риба“, вели Горан Филипов-готвач од Кавадарци.
„Со ковид, порасна бројот на социјално загрозени лица и се надевам дека ќе дадеме се од себе за да придонесеме хуманитарно“, велат од здружението на готвачи „Шефс“ од Охрид.
Бесплатните оброци ги презеде Црвениот крст, кој потоа ги дистрибуираше до овие граѓани.
„Како дел од алка на овој процес,ние ќе се вклучиме во делот на дистрибуција,со цел да помогнеме на останатите институции да помогнеме и на другите организации со нашите волонтери,кои се спремни да дејствуваат и во вакви ситуации како што е пандемијата и храната да стигне до најранливите категории.Кај нас има многу граѓани кои доаѓаат кај нас и се наши корисници и во време на пандемија тој број се зголемуваше“, изјави Адуриме Даути, Црвен Крст, Струга.
Се надеваат дека овој пример ќе прерасне во традиција и дека вакви акции ќе се организираат и во дрги градови.
Мики Трајковски