Советот на ЕУ бара власта да ја слуша Антикорупциска

Советот на Европската Унија единствено Антикорупциската комисија ја оцени како проактивна институција во делот за борбата против корупцијата, а на институциите им препорача да ги почитуваат нејзините препораки. Шефицата на државното тело за борба против корупција, Билјана Ивановска во изјава за Алсат вели дека и покрај тоа што работата на ДКСК е препознаена, сепак институцијата е само една алка во системот а за тој да функционира во целина треба сите да работат заедничи во борбата против корупцијата.
Ивановска вели дека само 30% од институциите ги испочитувале нивните препораки. Првата антикорупционерка забележува дека Владата е таа која не ги почитува нивните препораки како што се иницијативи за одговорност, разрешување на одредени директори… Повратниот одговор кој го добивала ДКСК од Владата бил дека во одредените случи не постои судир на интереси.
„Да се навратиме повторно кои се најголемите ризици од корупција. Број 1 е политичкото влијание. Значи, сè додека постои политичко влијание во професионалното расудување и однесување на институциите, ќе имаме вакви проблеми. Владата е таа прва којашто треба да даде свој личен пример и тоа неколку пати сме го потенцирале дека не се врши борба против корупција со кампањи, туку со личен пример… Битно е да се, пак ќе кажам, да се јакне свеста и на граѓаните и на носителите, затоа што ова општество е наше, како ние ќе го уредиме да живееме во него, такво ќе биде, никој од надвор нема да дојде да ни го направи поубаво“, рече Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.
Ивановска уверува дека и натаму ќе продолжат да работат посветено и професионално.
„Секоја институција си има своја одговорност. На крајот на денот сè доаѓа на виделина, сечија работа, а тоа некој од страна го одмерува и го запишува во својот извештај. Ако ние тука не можеме да ги согледаме сите наши слабости и грешки, препораки… и укажувања да се применат, има некој тоа што следи однадвор па го укажува, така што мислам дека секој во својот двор да си мете онака како што треба, професионално“, додава Ивановска.
Советот на ЕУ во делот на јавната администрација оцени дека иако има напредок, потребно е да се обезбеди почитување на принципите на транспарентност, заслуга и правична застапеност, но и подобрување на законската рамка. А, токму кога станува збор за јавна администрација, Ивановска ги потсетува граѓаните дека на никому ништо не му должат за институционална услуга.
Игор Стефановски