Сијарто: Незапочнувањето на преговорите со Северна Македонија е нечесен чекор од страна на ЕУ

Изостанувањето на започнување на преговорите со Севера Македонија е нечесен чекор од страна на ЕУ, бидејќи земјата направи се што е неопходно за да го отвори преговарачкиот процес, изјави унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто на заедничката прес-конференција во Скопје со шефот на дипломатијата Бујар Османи.
– Ние бевме незадоволни и фрустрирани од заклучоците во Брисел во врска со проширувањето и сите тие одлуки ги сметаме за многу неправедни. Ако сакавме да бидеме чесни ќе требаше да кажеме уште во оваа година Северна Македонија и Албанија треба да започнат со преговорите. Со почит ги замолуваме нашите пријатели од Бугарија нивните национални прашања што ги сметаат како пречка да ги реализираат во текот на преговорите, а не со попречување на започнувањето на преговорите, подвлече Сијарто.
Тој оцени дека изостанувањето на почетокот на преговорите е нарушување на кредибилитетот на ЕУ, бидејки од една страна ЕУ признава дека Македонците направија голем напредок, а од друга страна не ги започнува преговорите. – И заради тоа, оваа состојба ја сметаме за штетна, опасна и спротивна на принципите на ЕУ и по прашањата за безбедноста и по прашањата на економскиот развој, истакна Сијарто.
Географската позиција на Западен Балкан, оцени тој, изгледа влијае на тоа се потешко да можеме да ги разбираме процесите што се случуваат во регионот и имаме чувство дека политиката на ЕУ која ја води кон Западен Балкан станува се понеефикасна.
– Унгарија бара преговорите со С Македонија и Албанија веднаш да започнат. ЕУ сега е пред историски предизвици и затоа би ни требало еден позитивен успех и сметаме дека проширувањето би значело успех за ЕУ и затоа Унгарија ќе прави се што е можно побрзо да започне проширувањето кон Западен Балкан, рече шефот на унгарската дипломатија.