Кој ќе изврши супервештачење за автобуската несреќа кај Ласкарци?

Основниот кривичен суд Скопје денеска соопшти дека Техничкиот факултет во Битола не прифаќа да го изврши супервештачењето за автобуската несреќа во село Ласкарци.
По наредба на Судот предметот бил испратен за супервештачење на факултетот во Битола на 17 декември 2021 година. Но сега од Факултетот соопштиле дека не прифаќаат да го извршат супервештачењето неопходно за затварање на доказната постапка по предметот и донесување првостепена пресуда, соопшти Судот. Наредбата за супервештачење била издадена откако претходно биле изведени спротивставени вештачења на одбраната и обвинителството, а супервештачењето би било клучно во евентуално жалбена постапка при одлучувањето на второстепениот суд.
Од надлежниот Технички факултет во Битола, посочуваат од Судот, предметот е вратен со образоложение дека лиценцираните вештаци за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила, а другите вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење. Судот потоа контактирал и со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје од каде исто така е известено дека истите немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои претходно не учествувале во изведените вештачења, се наведува во соопштението.