ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Еден месец од трагедијата во Бугарија, вештачењата ќе бидат готови викендов

Еден месец од трагедијата во Бугарија, во која загинаа 45 патници од автобусот на „Беса Транс“. Бугарските истражни органи најавуваат дека резултатите од вештачењата, како судско-медицинското, техничкото и вештачењето за причините за пожарот би можеле да бидат готови викендов. Досега истрагата на бугарските истражни органи се води во насока на тоа дека била несоодветна брзината на автобусот со условите на патот.

Advertisements

Уште е нејасно како автобусот на „Беса Транс“ прво удира во десната страна од заштитната ограда на автопатот Струма, па потоа скршнува налево, удира во оградата, застанува и избувнува пожарот. Досега истрагата покажа дека од ударот се дупнал резервоарот за гориво, по што избувнал пожар, а возилото во тие моменти е заглавено меѓу заштитните огради и вратите не се отвораат.

А, на еден месец по трагедијата денеска целосно е пуштена во сообраќај делницата каде се случи несреќата. Дел од автопатот „Струма“ кој беше затворен поради истражните органи, сега е прооден, поставени се нови заштитни огради кои се повисоки од претходните, и може да се вози 120 километри на час. На местото на несреќата поставен е венец во чест на починатите лица.

И додека бугарските истражни органи се при крај со предистражната постапка, во земјава, инспекторатот за транспорт, сè уште не направил увид за тоа како работела транспортната компанија „Беса Транс“, бидејќи газдата на фирмата не е во земјава. Во меѓувреме македонското обвинителство бара евентуална кривична одговорност, но детали не откриваат.

„Предметот кој се однесува на работењето на правниот субјект – организатор на патувањето, како и постапувањето на други надлежни органи, е во фаза на предистражна постапка во рамките на која интензивно се преземаат дејствија за утврдување на фактите и евентуална кривична одговорност“, рекоа од Обвинителството.

Царинската управа до Јавното обвинителство треба да достави целосен извештај за тоа како автобусот на „Беса Транс“ бил пропуштан повеќе од 100 пати на граница во 2020 и 2021 година. Досега во Царинската управа суспендирани од работа се двајцата цариници кои го пропуштиле автобусот во Бугарија без да има лиценца за превоз на патници. Министерството за транспорт ја одзема лиценцата за работа на „Беса Транс“ по трагедијата во која загинаа 45 лица, меѓу кои 12 деца, а седум патници беа повредени.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button