ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Новиот лидер на СДСМ го комплетира партискиот тим

На почетокот на наредната недела ќе биде познато новото раководство на СДСМ. Според информациите, веќе е извесно дека предлог на новиот претседател Димитар Ковачевски за генерален секретар е Миле Зечевиќ, додека Сања Лукаревска засега останува во игра за функцијата заменик-претседател. Ќе се бираат и четворица потпретседатели.

Advertisements

Тука се споменуваат имињата на доскорешниот градоначалник на Карпош, Стефан Богоев како претставник од Скопје, а од внатрешноста на оваа функција се очекува да се најде и актуелниот градоначалник на Валандово, Перо Костадинов. Старо-нов потпретседател на СДСМ веројатно останува Фатмир Битиќи, а за името на жената која ќе се најде на оваа функција сѐ уште се расправа. По се изгледа и Бојан Маричиќ ќе продолжи да биде секретар за меѓународна соработка на партијата.

Социјалдемократите овие предлози ќе ги разгледуваат на седница на Централниот одбор, која ќе се одржи в понеделник.

„Предлозите ќе ги даде претседателот до членовите на Централниот одбор. Членовите на Централниот одбор ќе го гласаат предлогот на Димитар Ковачевски за изборот на новото раководство“, рече Стефан Васев, СДСМ.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ прашањето за промени во раководството ќе го остави за после празниците, но не се очекуваат поголеми смени во врвот. Претседателот Христијан Мицкоски неодамна најави дека партијата ќе се отвори за експерти и стручни лица, кои се очекува да ги исполнат местата во Извршниот комитет, кој после одржувањето на Конгресот е „расформиран“ и ќе добие нови кадри.

„Во моментов се вршат сондажи и проценки за формирање на партсиките тела, вклучувајќи интелектуалци и кадри, партиски тела кои би се формирале после новогодишните празници. ВМРО-ДПМНЕ се отвора кон интелектуалци, поединци и умни глави кои сакаат да помогнат за развој на земјата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата има двајца потпретседатели, Владо Мисајловски и Александар Николоски кои ќе останат на функциите, но се очекува овој состав да се прошири и тие да добијат нови колеги. Според информациите од партијата, Ѓорѓија Сајкоски ќе продолжи да биде генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи се покажал успешен како шеф на Изборниот штаб за локалните избори, кога опозициската партија извојува победа.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button