
Агенцијата за управување со одземен имот (АУОИ), која е сопственик на 4285 акции на АД „Славија“, не се откажува од нивната продажба за која директорот на АУОИ Фатон Асани вели дека е нивна должност, туку ги следи законските основи за постапување.
Продажбата, како што посочи Асани на денешната средба со новинарите, е привремено запрена поради барање за времена мерка доставено до Судот, кој по службена должност постапил по барањето од страна на Кирил Кочевски, поранешен сопственик на акциите на АД „Славија“. Вакво барање е доставено и до Централен депозитар на хартии од вредност и до Комисијата за хартии од вредност.
-Управниот одбор на АУОИ врз основа на доставениот предлог за поведување на постапка за времена мерка од Судот и согласно досегашната пракса одлучи времено да ја запре постапката за продажба. Тоа значи дека продажбата не може да се реализира додека трае времената мерка, но не значи дека АУОИ се откажала од продажбата на акации, туку дека ќе ги следи законските основи за постапување, појаснува Асани и вели дека против поранешниот сопственик на акциите е донесена првична пресуда за одземање на акциите на АД „Славија“ заради сторено кривично дело, односно противправно земање на акциите преку неговата фирма АД „Славија 2“.
Смета дека АД „Славија“ законски требало да биде продадена во целост уште во 2012 година за да има шанса да се раздолжи кон доверителите и вработените заедно со каматите. Сега номиналната вредност на акциите на АД „Славија“ е проценета на 51 евро, исто како при нејзиното трансформирање во АД, според Правилникот на АУОИ што важи уште од 2013 година. Очекува почетната сума за лицитација од нешто од над 200 илјади евра да расте на наддавањето и со неа да се подмират обврските кон 136 поранешни вработени во АД „Славија“.