
Со симболично гаснење на светлата во дуќаните сопствениците на мали бизниси и дуќани во Охрид го искажаа својот револт против новиот закон за недела – неработен ден. Велат дека на овој начин сакале да се види како ќе изгледа охридската чаршија кога дуќаните ќе бидат целосно затворени и во недела кога во градот има најмногу посетители. Тие бараат Охрид како туристички град да биде изземен од ова законско решение.
„Трговците од Охридската чаршија се соочија со уште едно големо изненадување во законот, каде што е посочено дека покрај во недела, не смее да се работи и на празници, така што продолжените викенди во Охрид ќе бидат тотално промашување, како за трговците, така и за туристите“, наведуваат од здружението „Чаршиски еснаф“.
Експертите сметаат дека ваквата законска одредба ќе предизвика големи финансиски последици.
„Дека ќе има последици ќе има последици. Ако им забраниме на дуќанџиите да работат во сезоната во недела или да работат после 20 часот, ги осудувате на пропаст…“, рече Цветко Андреески, декан на Факултет за туризам во Охрид.
Од Независната угостителска комора сметаат дека ќе трпи бизнисот во сите туристички центри.
„…На една од средбите во Министерството за економија беше напоменато дека сите засегнати страни и индустрии коишто функционираат во состав на туристичките центри, ќе бидат изземени. Не знам зошто во случајов не е тоа ставено во законската легислатива“, рече Здравко Јосифовски, Претседател на Независна угостителска комора.
Сопствениците на дуќани во Охрид велат дека не бегаат од законската обврска да ги платат вработени со дупли дневници, нешто што и досега било регулирано со закон, но бараат да им се дозволи да ги отворат продавниците.
Мики Траковски