Дијалог со Бугарија – власта најавува фокус врз човековите права

Нов пристап во разговорите со Бугарија, чиј фокус ќе бидат човековите права е она на што алудираат од владејачкото мнозинство со цел да се откочат евроинтеграциите. Судејќи според изјавите, ќе се прави обид историските прашања да бидат ставени во втор план. Сепак, процесот сега не подлежи на временски притисок.
„Не ни е битно колку денови ќе поминат од еден Совет на министри до друг, туку да го најдеме решението, да не тапкаме во место“, рече Сања Лукаревска – Заменик-претседател на СДСМ.
Од друга страна, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска наместо решение, очекува проблемите да се продлабочат. Според неа, позитивни сигнали од Софија сè уште нема.
„Ова овде е хибриден проблем, кој оди само на штета на Македонија и нема никаква најава, ниту пак извесност дека, па и во време на француското претседавање, нешто од тоа ќе се промени. На голема жал“, рече Иванка Василевска – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Василевска исто така е на став дека треба да се промени пристапот, но тврди дека човековите права и историските прашања се комплементарни. Таа смета дека дипломатијата потфрлила и со очекувањата од Преспанскиот договор, па и покрај, како што вели, лесните пазарења на власта, земјата останува без датум за преговори.
„Она што е многу позастрашувачки е што од македонска страна не постоеше слух ниту стратегија како да се предвидат сите можни опасности или барем делумно да се направи некаков консензус на општествено ниво со којшто ќе се заштитат националните белези…“, додава Василевска.
Во меѓувреме, по најавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека Бугарите ќе влезат во Уставот додека траат преговорите со Брисел, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека е нечесно тоа да се ветува, со оглед на фактот што владејачката коалиција нема двотретинско мнозинство.
Лука Андреев