Топаана мириса на изгорена пластика

На самиот старт на грејната сезона, ваква е сликата во населеното место Топана. Мирисот на чад од огревно дрво и согорена пластика е првото нешто што ќе го почувствувате кога ќе поминете низ ова населено место. Падот на температурите и почетокот на грејната сезона го вкучи алармот со загадувањето на воздухот.
Локалното население не сакаше да зборува пред камерата, но вели дека се снаоѓа да го затопли својот дом со што ќе најде, бидејќи пари за огревно дрво не можат да си дозволат.
Од Министерството за животна средина и инспекторатот за животна средина, велат дека не е во нивна надлежност да постапуваат доколку некој пријави дека во местото каде што живеат е загадено. Надлежност за да излезат инспектори на терен има самата општина, во овој случај Чаир. Од општината велат дека никој не пријавил дека во Топана воздухот тешко се дише.
„До Инспекторатот на Општина Чаир засега нема поднесени пријави од страна на граѓани за тешка миризба во овој дел од општината. Инспекторите се постојано на терен и согласно нивните надлежности имаат изречено казни за палење на оган на јавно место со цел спречување на загадувањето на воздухот. Од друга страна, инспекториите немаат право на влез во домовите на граѓаните за да се направи увид на што се грееат граѓаните“, велат од општина Чаир.
Загадувањето на воздухот е тема која се актуелизра во јавноста откако ќе почне грејната сезона.Македонија неколку години наназад се наоѓа меѓу првите десет држави во светот како најзагадени.
Андреа Чобанова