Петков кажа кои се неговите очекувања од посетата на Скопје

Бугарскиот премиер, Кирил Петков изрази надеж дека утрешната посета на Скопје ќе овозможи постигнување на брзи резултати во подобрување на односите помеѓу двете земји. Во своето вечерашно вклучување во емисијата „360 Степени“ на Алсат, Петков кажа што се конкретните чекори за коишто ќе се разговара на средбата во Скопје.
„Се надевам дека ќе ги договориме групите коишто ќе се среќаваат за темите економија, инфраструктура, култура, евроинтеграции и историја. Да направиме јасен план, колку често тие ќе се среќаваат. Јас би предложил да се среќаваат еднаш месечно и би бил среќен да не се состануваат сите наеднаш, туку секоја седмица да имаме по една таква средба. На тој начин ќе се воспостави интензивен план од средби и се надевам тоа ќе овозможи брз прогрес по сите овие теми“, рече Петков.