Можен ли е пробив во следниве шест месеци, еве што вели бугарскиот премиер Петков

Во своето вечерашно вклучување во емисијата „360 Степени“ на Алсат премиерот на Бугарија, Кирил Петков, рече дека кревањето на ветото ќе зависи од успесите коишто би се постигнале во престојните преговори помеѓу работните групи на двете земји.
„Ако успееме да постигнеме реални успеси по сите прашања коишто си ги имаме зададено и ги решиме на конструктивен начин, тоа ќе го определи крајниот рок, што ќе нѐ однесе во следната етапа, што јас лично посакувам да се случи во најбрз можен рок. Мислам дека најкоректен и вистински одговор е дека треба да имаме јасна претстава оти тоа е прашања на заедничките заложби, а не на календарски датуми. Ако сме успешни, тие датуми се близу, но ако имаме проблеми што не можеме да ги решиме, тоа претставува проблем. Во следните шест месеци очекувам работните групи да се среќаваат еднаш месечно, врз основа на резултатите се надевам дека може да имаме прогрес мошне брзо“, рече Петков.