
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) соопшти дека средбата со Владата што требаше да се одржи денеска е одложена за 31 јануари 2022 година.
Како што најавува ССМ, во петок ќе се соберат сите органи на Синдикатот за да ги активираат штрајкувачките одбори.
„На разочарување на работниците, средбата закажана за денеска меѓу Владата и ССМ, по барање на Владата е одложена за 31.01.2022 година. ССМ по презентацијата на Студијата за минималната плата во Република Северна Македонија и нејзините ефекти врз функционирањето на компаниите изработена од еминентни професори, продолжува со активности во четврток и веднаш во петок ќе го свика раководството на ССМ, Советот на ССМ и подрачните единици на синдикатот и претставништвата со една цел – активирање на штрајкувачките одбори и почитување на процедурите за штрајк како и одредување датум за подготовка на штрајкот“, информираат од ССМ.
Овие активности, велат од Синдикатот, имаат цел – решавање на егзистенцијалните проблеми на работниците, покачување на минималната плата до 18.000 денари, зголемување на другите плати и утврдување на регресот за годишен одмор во јавниот сектор, согласно утврденото право на работници во приватниот сектор.
Бараме и продолжување на мерката за замрзнување/ограничување на цените на основните прехранбени производи по 31.01.2022 година“, додаваат од ССМ.