Миле Јанакиески со ортопедски помагала пристигна во Судот

Со медицински помалага и полициска придружба. Поранешниот министер за транспорт и врски денеска беше спроведен во скопскиот Кривичен суд за да му се суди во случајот „Топлик“ за изградбата на Сончев град во Скопје.
Јанакиески го повредил коленото кое му било опрерирано, а тој по операцијата не е целосно заздравен, велат неговите адвокати. Јанакиески ногата ја повреди во декември лани, набрзо откако му беше укинат притворот и излезе на слобода. Во судот беше спроведен со полиција по барање на обвинителот Бурим Рустеми, што го одобри судијата Осман Шабани, откако претходно се одложуваа рочиштата за „Топлик“ бидејќи екс – министерот не доаѓаше во судница.
„Да биде спроведен во ваква здравствена состојба со ваква операција со мислење од вешто лице од одбраната дека било какво донесување, движење на обвинетиот, може да доведе до сериозно последици по неговото здравје. Навистина не би го коментирал затоа што е нешто што не се случило, а се надевам дека нема ни да се случува понатака“, изјави Еленко Миланов, адвокат на Јанакиески.
Адвокатите на Јанакиески во судот испратиле вешт наод и мислење од трауматолог, со кое го известиле судот дека постои ризик на Јанакиески да му се појави тромбоза во ногата. А, по прошетката на релација дома – суд – дома, утре на Јанкиески му е закажно вадење на коцните и ќе се знае моменталната негова состојба со коленото.
Денеска на рочиштето „Топлик“ каде Јанакиески е обвинет за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град“ во скопско Сопиште, Судот ги одби дополнителните докази и сведоци кои одбраната ги бараше да се изведат пред овој суд. По ова, самиот судски процес влегува во самиот финиш. На 9 февруари закажани се завршни збориви кои треба да ги даде Обвинителството, а по ова и одбраната. По завршните зборови, следно на ред е објава на пресудата за случајот „Топлик“. На Јанкиески уште му се суди и за уште пет предмета – „ТНТ“, „Титаник“, „Талир“, „Траекторија“ и „Шпански скали“.
Игор Стефановски