Маричиќ: Очекувам позитивен сигнал од француското претседателство и почеток на преговорите

Искрено се надевам дека европерспективата на Западен Балкан останува меѓу приоритетите, но овојпат со реален исход – почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Се надевам дека претседавањето на Франција ќе ја промени динамиката во приближувањето на Западен Балкан, тргнувајќи од нашиот пример.
Тоа ќе биде одличен сигнал за нас, но и за целиот регион, како и за враќање на довербата и кредибилитетот на ЕУ, рече вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ на денешната тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“.
Маричиќ истакна дека земјава со години наназад е во процесот, а особено последните пет години покажа искрен и отворен пристап во спроведувањето на реформите, посебно во клучните области. Европските извештаи, оцени, недвосмислено потврдуваат дека сме успешни и одиме напред.
-Реализиравме и една од нашите стратегиски цели, станавме членка на НАТО. Сега е крајно време да ги почнеме и пристапните преговори со ЕУ, порача вицепремиерот и додаде дека реформите продолжуваат, а целта е Европа да ја „донесеме“ дома.
Секое одолговлекување на почетокот на преговорите, посочи Маричиќ, ќе демотивира, а ќе ги демотивира и државите во регионот кои имаат отворени билатерални прашања, што отвора можност за уназадување на реформските процеси и стагнација на европеизацијата на општествата.
Тој се осврна и на проблемот со Бугарија, укажувајќи уште еднаш дека почнува ново ниво на соработка. Не смееме, подвлече вицепремиерот, да оставиме отворените прашања да ги оптоваруваат и натаму нашите билатерални односи и нашата евроинтерграција, ниту да го попречуваат нашиот евроинтеграциски пат.Но, дополни, освен што почетокот на преговорите е наш национален интерес, наш национален интерес е и да ги зачуваме јазикот и идентитетот.