ВМРО-ДПМНЕ почнува разговори со парламентарните партии потписници на Предлог-измените на Изборниот законик

ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери од денеска почнуваат суштински разговори со парламентарните политички партии, пред се’, со партиите потписници на Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, а во текот на наредните денови ќе следат разговори и со другите парламентарни политички партии.
Како што изјави денеска во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, целта на средбите се измените кои што се предлагаат, односно формирање на една изборна единица, нешто што како Предлог – закон, вели, е стигнат во Парламентот потпишан од одреден број на нивни колеги пратеници.
-Во текот на денешниот ден имавме средба со Демократскиот сојуз претставуван од колегата пратеник Павле Трајанов и со ВМРО – Народна партија и на средбата беше колегата пратеник Љупчо Балковски, со кој поразговаравме за овие актуелни теми за кои што разговараме сега. Една изборна единица беше темата на разговорите како и нивните предлози за поставување одреден праг при тие изборни процеси. Со различни идеи се политичките партии, на крај заклучивме дека овој процес треба да отпочне во насока на демократизација на државата. Гледаме дека се создава клима за оваа работа и процесот ќе продолжи и во наредниот период, рече Мицевски.