Молк од Косово за барањето на осудените од „Кумановската група“

Молк кај косовските власти за барањето на дел од осудените од Кумановската група за трансфер на Косово. Една недела по барањето на Анди Красниќи познат како командант Малишева, Дем Шеху и Лирим Красниќи, косовското МНР нема информации дали е прифатено барањето за трансфер, дали се подготвени да ги прифатат обвинението и пресудата и дали почнале или не постапка за трансфер на косовските државјани, осудени на доживотен затвор поради вооружената пресметка од 9 и 10 мај 2015 година во кумановската Дива Населба.
До овие моменти одговор нема ни од Министерството за правда во Скопје. Од овој ресор не соопштуваат дали е започната процедурата за трансфер и каква е подготвеноста на косовските власти да го спроведат билатералниот договор за трансфер на осудени лица потпишан меѓу двете Влади во 2012 година.
Неофицијално се дознава дека и други осуденици ќе побараат трансфер, но сè уште не се знае дали формално биле контактирани од адвокати или канцеларии за правно застапување.
Постапката за трансфер во Косово започнува по индивидуално барање на затвореникот, преку адвокат до Министерството за правда. Министерството бара од полицијата да дознае дали осудениот што бара трансфер има државјанство од бараната држава или не. Потоа се известува Министерството за надворешни работи. МНР воспоставува контакт со косовската дипломатија, од каде треба да има договор за спроведување на билатералниот договор за трансфер на затвореници потпишан меѓу двете влади во 2012 година.
Правда потоа се обраќа до Кривичниот суд од каде бара целосна документација и потоа ја доставува до косовските власти. Доколку Косово во овој случај го признае обвинението и пресудата со која се товари нивниот државјанин, може да се покрене постапка за трансфер. Доколку не се прифати обвинението и решението, постапката пропаѓа. За настаните од 9 и 10 мај 2015 година во Куманово, Кривичниот суд во 2017 година осуди 37 лица на вкупно 746 години затвор, од кои 7 на доживотна робија./Алсат.мк
Адриан Керими