Бојкот на наставата во Одри поради студени училници

Учениците од тетовското село Одри ниту денеска не го започнаа второто полугодие. Родителите одлучни во своите барања, без греење да не ги пуштаат децата на училиште. Бараат општина Теарце и Министерството за образование да обезбедат инвертери за девет паралелки за нивните деца да учат во топли објекти.
„Мислам дека испраќањето ученици во друго училиште е товар за нив. Единствено решение е загревање на внатрешноста на зградата три месеци, а по завршувањето на учебната година да се инсистира на промена на прозорците, парното, уредување на тоалетите и бојадисување на училиштето“, вели Лавдим Фаризи, претседател на родителскиот совет на О.У. „Фаик Коница“.
Градоначалникот на Теарце вели дека за обезбедување на инвертери е потребно време.
„ Не е само едно училиште, туку неколку училишта кои се на општинско ниво. Ние инсистираме решението да се најде во условите кои се во училиштето, бидејќи секоја друга инвестиција има процедури бидејќи се големи сумите преку јавните тендери да се дојде до инвестиција. Проблем е финансиската состојба на општината, па треба да се најде алтернативно решение кое ги исполнува условите за училиштето“, вели Нухи Незири Градоначалник на Теарце.
Министерот за образование Јетон Шаќири вели дека е подготвен да се сретне со родителите, и не ја исклучува можноста наставата во ова училиште да продолжи и онлајн.
„Доколку има законска можност од министерството ќе реагираме максимално за ваквата состојба. Подготвен сум да ги слушнам во општина Теарце за да ги видам одблиску, но во овие ситуации треба разбирање. Ќе разгледаме и други варијанти, но верувајте прво треба да се разгледаат сите други опции. Тука е и варијантата за онлајн учење, но јас инсистирам наставата да биде со физичко присуство, инсистирам општината и родителите да најдат уште едно решение. Ветувам дека во најбрз можен рок, можеби и побрзо од пролетта, ќе бидат преземени сите мерки за ова училиште“, наведува Јетон Шаќири Министер за образование.
Во ОУ „Фаик Коница“ во Одри, Тетово учат околу 130 ученици.
Башким Сулејмани