Бон: Франција е на располагање да помогне во разговорите со Бугарија, се надеваме на добри резултати наредните недели

Франција е на располагање да помогне и да го олесни процесот на разговори помеѓу Северна Македонија и Бугарија, вели францускиот државен секретар за европски прашања во Министерството за Европа и надворешни работи Клеман Бон по средбата што вчера ја имаше во Париз со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Бон во изјавата ја поздравува новата динамика на дијалогот помеѓу Скопје и Софија и изразува надеж дека во наредните недели или месеци ќе може да се отворат дискусиите за преговарачката рамка, чие одобрување беше блокирано со бугарското вето.
„Ние ве поттикнуваме и охрабруваме во овој процес и во овие разговор. Во улогата што ја имаме како претседателство со ЕУ и членки на ЕУ, ве охрабруваме во овие дискусии и ќе бидеме на располагање целосно достапни да го поддржиме, помогнеме или да го олесниме процесот. Се надевам дека во наредните недели, во наредните месеци ќе можеме да ја надминеме оваа етапа за отворање на дискусиите околу преговарачката рамка што беше предложена пред неколку месеци бидејќи е многу важно за стабилноста и просперитетот на регионот на Западен Балкан и на Европската Унија, воопшто. Значи, ние сме посветени, оптимисти и претпазливи бидејќи дискусиите сè уште траат. Верувам дека постои добра волја, во дискусиите меѓу Софија и Скопје, но и во Европската Унија. Значи мислам дека ќе имаме добри резултати во следните недели“, вели Бон.
Тој потсетува и дека во јуни, како што најави и претседателот Емануел Макрон, Франција ќе организира посебна конференција за Западен Балкан. Според Бон, таа ќе биде поинаква, но со позитивни иницијативи во однос на еколошките транзиции и инвестиции и во многу други многу конкретни области со цел за да се подобри целосната слика на регионот.
Маричиќ и Османи, како што велат во своите изјави, го информирале Бон за разговорите помеѓу новите влади во Северна Македонија и Бугарија и изразиле надеж дека ќе донесат резултати за изнаоѓање решение.