Притвор за двајца од Пакистан за шверцување мигранти

Триесетдневен притвор им е одреден на две лица од Пакистан поради шверцување мигранти.
МВР информира дека вчера Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против М.J. (33) и Р.З. (21), двајцата од Пакистан, за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“, предвидено и казниво по член 418-б став 2 од Кривичниот законик.
На 6 февруари годинава, во местото Свињарска Фарма, атар на с. Речица, Кумановско, полициски службеници од Националната единица за спречување криумчарење мигранти и трговија со луѓе, во содејство со СВР – Куманово и Регионалниот центар за гранични работи „Север“, откриле 15 илегални мигранти од кои 12 лица од Индија, две од Пакистан и едно од Авганистан.
„Врз основа на преземени мерки за расчистување на случајот, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, било утврдено дека двете лица со потекло од Пакистан, кои биле дел од групата, се организатори на шверцувањето. Со цел стекнување противправна имотна корист, во улога на водичи, двете лица на 6 февруари 2022 година, илегално пренеле преку границата од Србија до Кумановско-липковскиот регион група од 13 илегални мигранти, со цел нивно понатамошно превезување до Грција, со крајна дестинација државите на ЕУ“, информираат од МВР.
Двете лица се приведени, а судија на претходна постапка им одредил мерка притвор во траење од 30 дена