Антикорупциска отвора предмет, ЈП во Струга плаќаат превисоки кирии

Државната комисија за спречување на корупција ќе отвори предмет за високите суми кои некои јавни претпријатија во Струга ги плаќаат за месечни кирии. Како што Алсат веќе објави, јавното претпријатие Водовод и канализација плаќа по 3.170 евра месечно. Во исто време, јавното претпријатие за паркинг, „Еко Струга“, според опозицијата, за простор од 65 квадрати, плаќа по фантастични 2.000 евра месечно.
„Да се продаде деловен објект на јавно претпријатие за потоа да се плаќаат високи кирии, првиот коментар е дека тоа оддава слика на недомаќинско работење. Кои се причините за тоа да се направи би било интересен податок за нашата комисија, зошто е продаден објектот, зошто се плаќаат толкави кирии, колку е всушност киријата по метар квадратен во тој регион…“, изјави Биљана Ивановска, Претседателка на ДКСК.
Пред неколку години, поранешниот објект на Водовод, на самиот кеј на реката Црни Дрим, беше продаден.
„… Затоа ако како комисија ние утврдиме дека има некои елементи би се вклучиле во истражување на овој случај, бидејќи е интересен…“, вели Горан Трпеноски, Член на ДКСК.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милески, вели дека за целиот случај со високите кирии имало две верзии. Една на опозициските општински советниците, а другата, на градоначалникот Рамиз Мерко, кој му тврдел дека сметките за кирија сега биле пониски од порано.
„… Можеби треба државата или надлежните да воспостават некои критериуми до која цена може државни фирми или претпријатија или институции, министерства да плаќаат приватно кирија“, изјави Горан Милески, Министер за локална самоуправа.
Директорот на Водовод, Дашмир Насуфи, тврдеше дека станува збор за над 400 квадрати простор и оти тој договор тој го наследил. Од градските паркинзи тврдат дека не плаќаат кирија од 2.000, туку од 1.000 евра.
Мики Трајковски