„Русино Полог“ под ризик од банкрот и затворање

Заедничкото претпријатие „Русино Полог“ кое стопанисува со регионалната депонија ризикува банкрот и затворање. Тоа е затоа што некои општини, меѓу кои и Гостивар, не извршиле соодветна исплата кон компанијата.
„Многу ми е лесно да ја спуштам рампата за некоја општина, но претпријатието нема да има финансиски средства да опстане. Спуштањето на рампата значи затворање на компанијата по еден месец. Ги повикувам градоначалниците што поскоро да седнат заедно и многу сериозно да разговараат за ова прашање и да најдат долгорочно решение. И да појаснам дека без општина Гостивар и Тетово фирмата „Русино Полог“ не може да опстане“, рече Бесим Догани, директор на Претпријатието „Полог Русино“.
Првиот човек на Гостивар, Арбен Таравари, неплаќањето го оправда со поскапувањето на струјата во последните два месеци, поради што општината остана без средства. Тој рече дека на следниот состанок на полошкиот регион ќе побара субвенции за Гостивар или укинување на обврската за плаќање отпад за оваа општина.
„Или мора да платиме помалку или да бидеме ослободени од плаќање. Вистина е дека не извршивме уплата но тоа е тежок период за општина Гостивар, особено со енергетската криза и поскапувањето на струјата, а тоа се чувствува и во општината. Многу работи што ги имавме како општина, за плаќање ни отидоа, особено во месеците декември и јануари во плаќањето на струјата“, рече Таравари.
Од деветте општини во Полог, само Тетово и Брвеница ја исполниле својата обврска кон ова претпријатие. Владата пред две недели даде дозвола за работа на заедничкото претпријатие „Русино-Полог“.
Башким Сулејмани