Редовната авионска линија треба да профункционира на 27 март

Напредок во работата на Мешовитата историска комисија побара министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска пред средбата на експерти од министерствата од двете земји, кои ги разгледуваат отворените политички прашања од пакетот „4+1“. Во интервју за бугарско радио, Генчовска рече дека веќе треба заеднички да се слават личностите, за кои историчарите постигнале согласност.
Премиерот Димитар Ковачевски не даде коментар кога очекува резултати од работата на историчарите и експертите, но вети дека јавноста ќе биде информирана.
„Политичките прашања се предмет на разговор меѓу Министерствата за надворешни работи. Тие денеска имаат состанок во Софија и кога комисиите ќе имаат што да изјават, тогаш тоа останува на нив заеднички да го направат. Во однос на историската комисија сепак треба да се остави на историчарите според својата методологија да ги даваат изјавите, политичарите да зборуваат за политичките прашања“, рече
Димитар Ковачевски – претседател на Влада
Додека се очекува исчекор по политичките и историски прашања, првични резултати започна да дава новоформираната група за транспорт меѓу двете земји. Денеска беше рестартирана авио-линијата Софија-Скопје, која ќе започне редовно да функционира од 27 март. Сепак, деталите се уште не се знаат, ниту за исплатливоста на линијата.
„Нашите туроператори и бугарските туроператори, како и воздухопловните власти ќе продолжат со заедничка соработка да ги отворат и идните трети дестинации коишто би се отвориле и формирале заедно со оваа линија Софија – Скопје“, рече Благој Бочварски – министер за транспорт и врски
„После средбата на концесионерите на аеродромите и авиокомпанијата тие не информираа дека се подготвени да овозможат подобри такси, користејќи средства од програми за стимулирање на нови летови“, рече Николај С’бев – министер за транспорт на Бугарија
Инаку и покрај поканата на Министерството за транспорт и врски за присуство на скопскиот аеродром на слетувањето на летот од Софија, фоторепортерите и снимателите останаа далеку од пистата, а предност добија владините фоторепортери. Од ЗНМ и ССНМ истакнаа дека е неприфатлив ваквиот третман кон медиумските екипи, а министерот Бочварски се извини за пропустот. /Алсат.мк
Лука Андреев