Николовски: Годинава најмалку 205 милиони евра вкупна поддршка во земјоделството

Нам не ни е проблем Бугарија или некое друго политичко прашање за да губиме време и да чекаме некој друг да ги преземе овие храбри чекори и одлуки. И без да ги почнеме преговорите со ЕУ, веќе се усогласуваме со поглавјата и со европските директиви за да биде полесен процесот кога ќе почнат преговорите. Кога прв пат дојдов на функцијата во 2017 година, мојот приоритет беше да се исплати долгот за субвенции од 350 милиони евра што го остави претходната власт. Паралелно решававме и други проблеми, градевме систем. Резултатите се веќе видливи. Сега е многу поедноставно да се носат мерките. Моментно сме насочени кон усогласување на законодавството со европските директиви, но никако нема да изостане и реализацијата на капиталните проекти, како и на програмите, вели за МИА министерот za земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Во интервју за МИА, Николовски најавува „средување“ на земјишната политика, отворање три откупни центри, во Ресен, Скопје и Струмица, донесување неколку нови закони и јакнење на институционалните капацитети.
Министерот очекува годинашната вкупна поддршка во земјоделскиот сектор да надмине 205 милиони евра. Крајно време е, додава, за сериозни реформи, и ниту едно политичко прашање, вклучувајќи го и проблемот со Бугарија, не треба да претставува кочница. Работите дома мора да се завршат.
Тој порачува и дека земјоделството не треба да биде предмет на политички поткусурувања.
-Опозицијата да излезе од филмот и да ја види реалноста, да престане со популизмот и со евтините обиди за собирање политички поени преку земјоделството. Додека се шират лаги и лажни вести, додека Цветан Трипуновски се наоѓа во некое заостанато време, ние зборуваме за прилагодување кон заедничката европска аграрна политика. Тоа дојде на дневен ред откако расчистивме со долговите што ни ги остави Груевски. Работиме на нови мерки, на нови капитални проекти кои никогаш досега не биле спроведени и на нови закони согласно европските, нагласува Николовски.
Од јуни 2017 до мај 2019 година Николовски прв пат ја извршување функцијата министер за земјоделство, а од минатиот месец и официјално се врати во ресорот.