ВМРО ДПМНЕ нема да иницира лидерска средба

Ниту ВМРО-ДПМНЕ во моментов не е подготвена да иницира лидерска средба. Од опозициската партија велат дека ќе почекаат и ќе ги следат случувањата во следниот период пред да одлучат за понатамошните чекори. Одговорот на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа еден ден откако премиерот Димитар Ковачевски изјави дека ќе се сретне со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, но не прецизираше кога ќе се случи тоа. Мицкоски изјави дека ја очекува поканата од Ковачевски.
На евентуалната лидерска средба ќе се разговара за укинувањето на техничката влада, прашањето со Бугарија и измените во Изборниот законик. Но, разговорите за Изборниот законик, како што велат од партиите, се водат и на ниво на работни групи, но засега без конкретни резултати. ВМРО-ДПМНЕ бара малите партии од мнозинската коалиција да го зачуваат достоинството и да го напуштат мнозинството, доколку власта не го прифати нивното барање за една изборна единица.
„Сакаме да останат принципиелни и достоинствени. Ако кажале дека им се приоритети, докажете го тоа со ослободувањето на мнозинската коалиција. Со останувањето на власт само покажуваат дека имаат различни интереси од она што го кажаа пред јавноста. Нека не го лажат ниту своето мислење, ниту своето членство“, изјави Миле Лефков, ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ велат дека го поддржуваат моделот со една изборна единица, но бараат консензус со сите други партии. Не поставуваат рок кога може да се постигне договор.
„Измените на Изборниот законик се структурни измени. Нема едноставни промени кои може да се одобрат преку ноќ или на барање на едната или двете страни. Тоа е процес кој треба да ги вклучи сите политички чинители и со широк политички консензус да се дојде до најдобриот Изборен законик за државата“, изјави Костадин Ацевски, СДСМ.
Помалите партии од владејачката коалиција, Демократси Сојуз, Демократска обнова на Македонија, ВМРО-Народна партија и други бараат да се разгледа предлогот за една изборна единица до средината на април, во спротивно најавуваат заминување од мнозинството. Но, не сите големи партии се согласуваат за промена на изборниот модел. /Алсат.мк
Фатлуме Дервиши