
Трошоците на живот во јануари биле зголемени за 1,5 проценти, а цените на мало за 1,2 проценти во однос на декември минатата година, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС). Споредено со јануари минатата година, пак, во јануари годинава зголемување од 6,7 отсто има кај трошоците на живот, а за 7,3 отсто кај цените на мало.
Пораст на трошоците на живот е забележан кај кафето, чајот и какаото за 4,3 отосто, рибата и морските плодови за 3,5 проценти, кај свежото овошје за 3,4 проценти, пивото за 2,6 проценти, како и кај виното, минералната вода, газираните пијалоци, соковите, шеќерот, медот, чоколадото и кондиторските производи. Зголемување на цените има и кај централното греење за 14 проценти и електричната енергија за домаќинствата за 9,4 проценти.
Намалување на трошоците на животот, пак, има кај воздухопловниот патнички транспорт за 8,4 отсто, медиумите за снимање за 4,2 отсто, обувките за 1,7 отсто, парамедицинските услуги за 1,2 проценти, информатичката опрема за обработка на податоците, туристичките аранжмани и друго.