По растот на минималецот, образованието чека усогласување на платите

Усогласувањето на платите со минималецот во образованието зависи од повеќе фактори, изјави денеска ресорниот министер Јетон Шаќири. Тој потврди дека се сретнал со Синдикатот на образованието, но дали ќе има пари за барањето на синдикалците, ќе соопштат од Министерството за финансии со чии претставници Шаќири најавува средби следната недела. Тој ги повика пратениците да го изгласаат законот заглавен во Собранието, а кој предвидува раст на платите на образовниот кадар.
„Овој процес по покачувањето на минималната плата, се разгледуваат сите можности и има неколку најави и од претседателот на Владата, кој побара да се изгласа Законот за наставници, кој е во собраниска постапка, каде и во тој закон им коефициенти и пресметки за покачување на плати“, рече Јетон Шаќири министер за образование и наука.
И на пензионерите власта им вети повисоки пензии, но тоа засега тоа е само усно ветување. Премиерот Ковачевски денеска повторно напомена дека покачувањето на пензиите му е еден од приоритетите.
„Пензионерите се оние кои заслужуваат, после толку години изминат труд и даден огромен придонес за нашата држава, да имаат достоинствени пензионерски денови“, изјави Ковачевски.
Опозицијата поднесе предлог-закон за зголемување на пензиите, но премиерот тоа го искоментира како водење лажна грижа за пензионерите од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Доколку не добијат повисоки плати, тогаш вработените во јавниот сектор и администрацијата најавија дека ќе излезат на штрајк.
Иле Петревски