Тестираат случајни минувачи – до каде сме со колективниот имунитет?

Лекарски тим на Институтот за имунологија започна со тестирање на случајни минувачи во главниот град за да се види дали имаат антитела од прележан корона вирус или преку вакцинација за приближно да се добие слика до каде сме со стекнувањето на колективен имунитет против КОВИД-19. Истражувањето исто така се очекува да помогне и во однос на нови мерки поврзани со вирусот.
Интересот на граѓаните за учество во истражувањето е голем. Според нив, овие контроли треба да се прават почесто за попрецизно да се знае состојбата со вирусот во земјава.
„Ја искористивме можноста да видиме до каде стоиме со пандемијата и дали ја поминавме, со кои методи. И јас го прележав вирусот и вакциниран сум со две дози. Ова е прв пат да тестирам антитела“, велат граѓаните.
Во моментов ова истражување се спроведува само во Скопје, но не е исклучена можноста да се прошири и во други градови. Во меѓувреме, не се знае кога ќе започне скринингот и во училиштата. Инаку, Институтот за јавно здравје соопшти дека во земјава се потврдени и три случаи со подваријантата на Омикрон, позната како „стелт“.
Вјолца Алити