
Владата размислува во јуни со второто редовно законско усогласување, дополнително да ги зголеми пензиите. Една од опциите е скалестото зголемување. Премиерот Ковачевски најавува дека зголемувањето ќе се случи откако на сите засегнати страни ќе постигнат договор. Од петок ќе започнат преговори меѓу Владата и здруженијата на пензионери.
„Следува усогласување кое ќе се случи во средина на годината, а дополнително со оглед на тоа што се работи за година на економска криза, ние веќе правиме анализи за дополнителна финансиска помош за пензионерите којашто ќе биде скалеста односно оние коишто имаат најмали пензии да добијат најмногу, а оние коишто имаат поголеми пензии, да добијат соодветен износ. Во моментов не можам да кажам за конкретен износ“, рече Ковачевски.
Минатата недела за зголемувањето на пензиите предлог во Собранието поднесоа и од опозициската ВМРО- ДПМНЕ. Со него се бара зголемување на секоја пензија за 3.000 денари, но предлогот не доби согласност од пратениците на власта.
„…Со жалење можам да констатирам дека владејачкото мнозинство едно зборува, а друго прави“, рече Никола Мицевски- Патеник на ВМРО- ДПМНЕ.
Еден од предлозите на пензионерите е да се промени моделот на усогласување на пензиите, односно таа да биде во согласност со растот на минималната и просечната плата, а не само да се земаат во предвид трошоците на живот.
Андреа Чобанова