КАЗИНО – прв сосед на децата од градинката во Тетово

Министерството за финансии молчи за отворањето на казиното кај градинката „Ринија“ во Тетово. Родителите на децата, граѓанскиот сектор и општина Тетово пак велат дека ќе го спречат отворањето на казиното во близина на оваа институција.
„За несреќа, поединец, министер или условно кажано пратеник кој е избран од народот, добива право да одлучува на штета на народот. Според информациите со кои располагаме, дозволата за работа ја издало Министерството за финансии. Ние како Движење против коцкањето во никој случај нема да дозволиме да се отвори и ќе го искористиме секој метод, секој начин на протест, реакции во Владата и во министерството за да го спречиме тоа“, изјави Џемал Абдиу- Движење против коцкање.
Реагираше и општина Тетово. Претседателот на Советот Бесар Дурмиши вели дека ќе побараат во новиот предлог-закон, општините да добијат надлежност околу отворањето казина и обложувалници.
„Општината е немоќна против оваа појава што се случува во последните години. И како политичка партија, бидејќи Законот веќе помина во Владата и ќе помине во Парламентот, нашите пратеници ќе бараат да се исполнат овие барања што ги имаме како општина и да постигнеме што е можно повеќе да се изолира оваа појава од нашето општеството. Преку пратениците тоа ќе го блокираме барајќи новиот Закон да се дополни со надлежности на општината“, нагласи Бесар Дурмиши- општина Тетово.
„Се обидовме да добиеме став од сопственикот на казиното кога и како ја добил дозволата за отворање на овој објект, додека законот е на дискусија, сепак, видовме само затворени врати“.
Предлог-законот за коцкање со кој се забранува отворање казина и обложувалници во близина на образовни и јавни институции се одолговлекува подолго време. Во меѓувреме, ова е втор случај во Тетово да се отвораат казина во близина на образовни институции. Првиот беше кај Тетовскиот универзитет, кој беше блокиран со протести.
Башким Сулејмани