Ковачевски – Предан: Дијалогот со Бугарија е значаен придонес за развојот на добрососедските односи

Воспоставениот дијалог и позитивната енергија помеѓу владите на Северна Македонија и Бугарија е значаен придонес во развојот на добрососедските односи помеѓу двете држави, оценија денеска премиерот Димитар Ковачевски и словенечкиот амбасадор Милан Предан.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, заеднички била истакната и потребата од фокус на сите политички субјекти кон конструктивни политики што овозможуваат напредок на државата.
Предан му врачил на Ковачевски писмо со честитки за мандатот од словенечкиот премиер, Јанез Јанша. Пренесена билна и силна поддршка од Република Словенија за евроинтеграциските перспективи на Република Северна Македонија.
-Ја покачивме минималната плата, намалена е невработеноста, имаме раст на економијата, ги решаваме прашањата околу енергетската состојба. Правиме конкретни чекори за унапредување на квалитетот на живот на граѓаните. По членството во НАТО, нашата друга стратешка цел се евроинтеграциите и во тој процес сме поставени принципиелно, со фокус кон европските вредности, меѓусебно почитување и заштитата на достоинството на граѓаните, рекол Ковачевски.
Тој изразил благодарност за искреното пријателство со Словенија и за големата принципиелна поддршка што ја дава Словенија на Република Северна Македонија во демократските и интеграциските процеси.
На состанокот биле разгледани и можности за унапредување на соработката помеѓу државите во области значајни за граѓаните на двете земји.