На Галичица се градело кој каде стигне, дивоградби и хотели

Во Националниот парк Галичица години наназад се градело на диво, кој каде сака и без почитување на законите. До паркот досега се пристигнати 441 мислење за барање за легализација. Од нив за викенд куќи се 244, 180 од барањата се за легализација на објекти во кои живее локално население, 6 за верски објекти, а 11 за хотели и автокампови.
„По основ на сопственост и ова за мене е фрапантно, 309 од барањата се за легализирање на објект кој се наоѓа на земјиште кое е во приватна сопственост, но 80 од барањата се за легализирање на објекти кои во целост се на земјиште на Република Македонија. Значи узурпирано земјиште. А, 52 се делумно на земјиште кое е во сопственост на РМ“, вели Андон Бојаџи-Национален парк Галичица.
Ова покажува голем притисок за неовластено приграбување на нешто што е во сопственост на сите државјани, за лични цели вели Бојаџи.
„Ако имаме предвид дека доминантно се викенд куќи, некој узурпира земјиште за без пари…“, додава Бојаџи.
Охридските локални власти на последната седница на градскиот совет се обидоа да протуркаат легализација на триесеттина објекти од кои некои во непосредна близина на Охридско Езеро и во Националниот парк, нешто на што гласно реагираа граѓанските активисти. Седницата беше прекината, иако локалните власти тврдеа дека сè било законски.
„За сите предмети коишто се во НП Галичица имаме позитивно мислење добиено и од Националниот парк Галичица и од Министерство за животна средина….“, рече Александар Китески-секретар во општина Охрид.
Но, за секоја регистрирана бесправна градба или узурпација на земјиште, од Паркот велат дека поднесувале пријави до надлежните институции, градежната инспекција и Јавното обвинителство. Инаку најголем дел од бесправно изградените објекти во границите на паркот кои се наоѓаат во зоната на строга заштита, се околу селото Трпејца.
Мики Трајковски