ВЕСТИЕКОНОМИЈА

И покрај замрзнатите цени на лебот, зејтинот и шеќерот, тие сепак поскапуваат!

Трошоците за живот растат, расте и инфлацијата. Новата 2022 година граѓаните ја дочекаа со поголеми трошоци. Статистика измери поскапување на низа производи и услуги во јануари во споредба со декември минатата година. Поскапени се кафето, чајот, какаото, рибата и морските плодови, овошјето, зеленчукот, чоколадата, џемот, медот, како и алкохолот.

Advertisements

И покрај замрзнатите цени на лебот и на другите основни прехранбени продукти, како зејтинот и шеќерот, статистика забележува поскапување и кај нив.

Поскапени производи:

Кафе, чај, какао 4,3%
Риба и морски плодови 3,5%
Овошје 3,4%
Зеленчук 2,5%
Шеќер, џем, мед, чоколада 1,4%
Лебот и жита, масло и масонотии 1,2%
Алкохол 0,5%

Во јануари пораснале и цените на струјата, парното, чистењето, горивата, медицинските производи и услуги.

Повисоки цени:

Централно греење за домаќинства 14%
Струја за домаќинства 9,4%
Чистење и поправки 9,3%
Течни горива за домаќинства 3,3%
Горива и мазива за возила 2,3%
Медицински производи 1,5%
Медицински услуги 0,9%

Сите овие поскапувања влијаат врз стапката на инфлацијата.

Само во јануари годинава таа се искачи на рекордни 6,7%. Проекциите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) се дека просечната инфлација годинава ќе биде 4,3%, а догодина 2%. Според професорот Абиљ Бауш треба да се размислува за повеќе опции за намалување на инфлацијата. Една од нив е Народната банка да донесе одлука за зголемување на каматната стапка за кредитите на граѓаните, но тој предлага друга:

„Треба да се направи друга измена, а тоа се очекува има олеснување на даноците, осовено на ДДВ-то, а со тоа да придобијат и бизнисите и граѓаните. Но, не на сите продукти, туку во оние коишто моментално имаат висока цена, што ја поттикнува инфлацијата“, вели Абиљ Бауш, економски професор.

Граѓаните пак, секојдневно мораат да се снаоѓаат со поскапените производи и услуги.

„Платата искрено не ми се помрднала три години, а има доста големо поскапување, така што, тоа е тоа. Или ќе бараме во странство да си одиме, или ќе си бараме други работи“, реагираат граѓаните.

Идниот месец се одмрзнуваат цените на основните прехранбени продукти. Ова може да доведе до повисока инфлација. Инаку, за задоволување на основните потреби на едно четиричлено семејство за во декеври биле потребни нешто над 32.000 денари, што е над просечната и минималната плата.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button