Мицкоски: „Ковачевски не е во коалиција со народот, туку со Бугарија“

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вели дека премиерот Димитар Ковачевски ја пропуштил шансата за постигнување на национално единство за зачувување на македонскиот јазик и идентитет. Мицкоски вели дека Ковачевски, а зад кого стои Зоран Заев, наместо да се обедини за националните и државните интереси, коалицира со Бугарија.
Како одговор за овие констатации, СДСМ го обвини Мицкоски дека за политички поени работи спротивно на интересите на граѓаните.
„Мицкоски мора да одговара за вината што ја признаа неговите сопартијци во случајот „Титаник“ и да се повлече од политиката. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се грижат само за личните и партиските интереси и на тој начин постапуваат спротивно на интересите на граѓаните“, рекоа од СДСМ.
Мицкоски постојано го повикува премиерот Ковачевски да постигне национално единство за прашања од државен интерес, особено за отворените проблеми со Бугарија. Мицкоски сè уште ја чека средбата што ја најави самиот Ковачевски, но тој во неколку наврати рече дека национално единство мора да се постигне во Собранието, а средба со Мицкоски би можела да се одржи во соодветно време, но не спомена конкретен период.
Адријан Керими