ВЕСТИЗДРАВСТВОМАКЕДОНИЈА
Минатата недела помалку заболени и починати од Ковид-19

Во периодот од 14 до 20 февруари регистрирани сe 6.119 нови позитивни ковид случаи, што е за 29,2 отсто пмалку во однос на претходната недела. Процентот на позитивност се движи од 16,7% до 31,1%, просечно 25,8%.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје,тестирани се вкупно 23.396 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 11,2% во однос на претходната седмица.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Неготино – 519,1/100.000, Скопје – 514,3/100.000 и Кавадарци – 507,4/100.000.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група над 60г, а најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години. Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи.
Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 8.797 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 863 реинфекции, со намалување за 29,8% во однос на претходната недела.
Пријавени се 106 смртни случаи во 23 градови, за 27,9% помалку во однос на претходните седум дена. Најголем дел од нив се од Скопје (41). Во однос на возраста, најголем број од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (4) и 40-49 години (1).