ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Маричиќ предлага судството да функционира онлајн

Судството може да функционира и онлајн, порача министерот за правда Бојан Маричиќ. Во обраќањето, по повод Европскиот ден на правдата, Маричиќ посочува дека пандемијата донесе нови предизвици за правосудството и бара нови решенија како да функционира системот – да продолжат судските рочишта и постапките пред судовите и обвинителствата.

Advertisements

„За време на вонредната состојба, во судството имаше примери кои потврдија дека може да се функционира и онлајн, што е добар показател дека доколку има таква потреба, во иднина ова може повторно да се воведе во пракса“, вели Бојан Маричиќ – министер за правда.

За адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, оваа изјава е политичка и нема допирна точка со правото, сметајќи дека тоа не е начин на кој судството треба да функционира. Онлајн судењето, според него е неспоиво со основните принципи и начела на непосредно забележување, утврдување на фактите и доказите во постапката.

„Ако седи обвинетиот позади камера некаде далеку, јас седам поади камера, судијата обвинителот, нема непосредно забележување на судот на однесувањето на обвинетиот, сведоците, адвокатот. Поинаку е кога ќе застане пред мене и ќе поставувам прашање, ги забележувам неговите реакции и начинот на однесување….. Истото се однесува и на граѓанските постапки каде и странките треба да се присутни, како ќе го запазиме начелото на јавноста на судењето, дали вие ќе се вклучувате или правдата ќе остане негде во оптичките кабли на овие платформи кои ја пренесуваат сликата и гласот“, изјави  Ѕвонко Давидовиќ – адвокат.

За да воспостави онлајн пракса во судството, според Коалицијата за правично судење, мора да се направат соодветни измени во законите за кривична и парнична постапка. Од таму велат дека воведните или завршните зборови и објавата на пресуда се полесни за да се спроведат онлајн, но, резервирани се во делот на доказната постапка, бидејќи за тоа се потребни технички услови за да нема прекини во онлајн врската.

„Ќе биде предизвик и јавноста во постапките која е составен дел од начелото за фер и правично судење. За да се овозможи јавност тоа ќе значи дека судењата ќе треба местото и начинот на одржување на судењата да биде јавно објавено и лесно достапно, не само за стручната јавност или новинарите, што би значело дека ќе треба да се објавуваат линковите од судењата јавно што ќе повлече други прашања од технички аспект. Тоа ќе биде конкретно колку судот ќе има можност јавноста да не го попречува судењето – да се исклучуваат микрофоните, а јавноста да може да го проследи текот на судењето“, вели  Дарко Аврамовски – Коалиција за правично судење.

Прашањето за онлајн судењата се отвори минатиот период кога судењата за „Титаник„ и за „Таргет – Тврдина„ се одложија бидејќи дел од обвинетите беа позитивни на Ковид 19.

Алсат

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button