Талат Џафери нема да свика седница на Комисијата за избори и именувања

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, нема да свика седница на Комисијата за избори и именувања додека составот на комисијата не се сообрази со политичката реалност мнозинство-опозиција во Собранието. Џафери го повика Фадил Зендели, кој од декември изјави дека ќе биде пратеник од опозицијата, да си замине од функцијата член на комисијата за таа да може да функционира заедно со другите органи на законодавецот.
„Тој нема право да ја носи функцијата член на соодветната комисија како претставник на опозицијата поради тоа што тоа влијае на нерамнотежа во пропорционалниот сооднос на учеството на пратениците и пратеничките групи. На 13 декември пратениците Фадил Зендели и Бастри Бајрами ме известија дека отсега ќе дејствуваат како пратеници на опозицијата“, рече Џафери.
Џафери рече дека планира да постапува врз основа на ингеренциите што ги има, но не објасни кој е неговиот план за деблокирање на комисијата.
„Оваа работа се одолговлече. Јас досега давав приоритет на дијалогот, разговорите, меѓупартиските консултации, аргументите и контра-аргументите и мислам дека тој пат е исцрпен и морам да се вратам на спроведување на овластувањата загарантирани со Деловникот во член 60“, додаде Џафери.
Зендели денеска немаше коментар за ставовите на Џафери. Додека Комисијата за избори и именувања и натаму е блокирана, во Собранието не функционираат уште неколку комисии поради неможноста да се систематизираат пратениците кои дојдоа по оставките на кандидатите за градоначалници или министри и заменици-министри од владиниот кабинет. Покрај изборот на уставните судии, во Комисијата блокирани останаа и именувањата во Советот на МРТВ и Агенцијата за медиуми за кои партиите сметаат дека консензусот е уште потежок поради тоа што за овие именувања е потребно 2/3 мнозинство.
Адриан Керими