Македонски камиони со јаболка заглавени на украинско-полската граница

Двајца транспортери од Македонија петти ден се заглавени на украинско – полската граница. Пред да се случи нападот врз Украина транспортерите со полни шлепери јаболка од Македонија поминувале низ Украина. Веднаш по првиот напад, управителот на компанијата стапил во контакт со возачите и ги упатил веднаш да ја напуштат Украина преку Полска.
Но, проблемите почнале откако камионите ги проверила украинската царина. Било увидено дека робата е наменета да заврши во Русија, по што на македонските возачи им биле одземени пасошите и останатите документи. Управителот на транспортната компанија за Алсат вели дека ниту нашата амбасада во Украина, ниту пак македонското МНР не му даваат конкретна информација до кога овие граѓани ќе бидат заглавени далеку од дома.
„Не знам каде да се жалам, каде да се молам. Јас навистина не знам што да направам. Ова ни е петтиот ден, никој не доаѓа кај нас, не може да одиме ниту до царина, велат дека ќе отидат да прашаат и ги бркаат и им велат бегајте во камионот“, рече Нафи Караелмазов, управител на транспортна компанија.
Камионџиите, на возраст до 50 години, прегладнети и речиси смрзнати од минусните температури на украинско-полската граница се на крајот на силите, вели Караелмазов. Едниот е од Кавадарци, а другиот од Валандово.
Најголем проблем е тоа што нафта во камионите имаат за уште неколку часа, потоа не знаат ни самите што ќе прават и како ќе ја поминат студената ноќ. Пред два дена оваа граница успеаја да ја поминат двајца нивни колеги. Колку граѓани од Македонија се заглавени во Украина денеска не добивме информација од Министерството за надворешни работи.
Иле Петревски