Пауза во Собранието, ќе се гласа за разрешување на Фадил Зендели од Комисијата за прашања на избори и именувања

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски даде пауза од 15 минути, а 64-та седница ќе продолжи во 13 часот кога ќе се премине на гласање по првата точка од дневниот ред односно по Предлог-одлуката за разрешување на пратеникот Фадил Зендели од Движењето „Беса“ од член на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Пратениците од опозицијата обвинија дека парламентарното мнозинство останало, „глуво, не послушало, и демонстрирало сила и надмоќ“ и посочија дека оваа точка е „протната“ на дневен ред, а материјалите биле доставени четири минути пред самата седница.
За пратениците од владејачкото мнозинство, пак, одлуката е во согласност со одредби во Деловникот кои налагаат пресликување на пратеничките места од партиите во составите на работните тела.
На 64-тата седница на дневен ред се и предлог-законите за дополнување на Законот за Јавното обвинителство и за дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, Предлог-закон за изменување на Законот за вршење работи за застапување во царинските постапки, Предлогот-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Предлог-декларација по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.