ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Влада: Пченицата од Србија не е за стоковите резерви

Стоковите резерви се полни, набавката од Србија на пченка и пченица е согласно годишните планови. По изјавата на претседателот на Србија Александар Вучиќ дека земјава побарала одредена количина на пченка и пченица, од Владата велат дека овие количини ќе се наменат за стопанските субјекти, а не за полнење на стоковите резерви.

Advertisements

„Во државата има сосема доволна количина пченка и пченица. Во домашните млинови има залиха од 45.000 тони пченица, количини кои се доволни за потребите на домашниот пазар до следната реколта. Споменатите количини се во годишните планови на стопанските субјекти, кои им се планирани да ги увезат до почеток на жетвата со цел како и секоја година да бидат покриени потребите на домашниот пазар и работата на млиновите, пекарите и други субјекти, не за потребите на државата или стоковите резерви“, рекоа од Владата.

Вучиќ изјави дека на земјава ќе и се испорачаат побарните количини.

„Ние денеска ги добивме потребите на Македонија, тие од нас побараа да им испорачаме 50.000 тони пченица и 25.000 тони пченка и тоа можеме веднаш да го испорачаме, немаме проблем во врска со тоа“, рече Вучиќ.

Од опозициската ВМРО- ДПМНЕ пак, тврдат дека со набавката се потврдува дека стоковите резерви се празни.

„Иако уверуваа дека стоковите резерви се стабилни и полни, вчера, соседна Србија ни откри дека владата на Македонија испратила барање за испорака на вкупно 75.000 тони пченка и пченица. Владата ја донесе Македонија во опасност и веднаш треба да одговори дали стоковите резерви биле празни и поради тоа владата не интервенираше на пазарот?“, рече Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Во изминатите денови од Владата соопштија дека државата има доволно резерви и доколку има потреба истите ќе бидат ставени во функција за потребите на граѓаните.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button