ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Метеж пред центрите за социјални работи

Гужви, турканици, нервозни граѓани. Ова е сликата од Центарот за социјални работи во општина  Бутел. Вакви колони од граѓани се секојдневни во оваа институција, особено кога на сила се превентивните мерки против корона вирусот. Некои од граѓаните велат дека и со денови чекаат за да завршат работа. И покрај зголемениот број на новозаразени и натаму добар дел од граѓаните не ги почитуваат мерките за заштита, не носат маски и не држат дистанца.

Advertisements

За проблемот да е поголем, пред вратата немаше ниту редар, а во институцијата работеше само еден шалтер. Освен за жителите на Бутел, во оваа подружница се решаваат и прашањата и проблемите поврзани со социјалните работи и за граѓаните од Чаир.

„Чекам јас една потврда, бев пред една недела исто вака гужва и тогаш завршив работа. Сега треба нова потврда да земам…“

„Јас од април ги дадов документите за социјално, чекам шест месеци доаѓам на шалтер чекам три часа на ден и нема инфомации…“

„Четири – пет дена како доаѓам, ама не можам да завршам работа. Доаѓам до врата и ме бркаат. Се затвораат внатре и викаат ајде бегај оди си…“

„По пет часа се чека и на крај пак не може да извадиш документи. Чекаме за социјална помош. Во 12 месец се поднесени документите уште не е решено“, велат присутните.

Не само во Бутел, голема гужва сретнавме и пред канцелариите на Фондот за здравствено осигурување во строгиот центар на градот, кај Црвениот крст. Но, тука барем имаше обезбедување кое колку толку не дозволуваше да се прават гужви пред влезот на институцијата.

„Ова е малтретирање треба да поднесеш па да одиш дома па по четири дена пак да дојдеш. Оваа ситуација на никој не му одговара, државата вели не се групирајте, а самите они не групираат“, вели еден граѓанин.

Директорката на  Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје Наташа Станојевиќ за Алсат вели дека центрите за социјална работа работат со полн капацитет. Согласно протоколите, приемот на странки се врши на шалтер, а поради ограничениот простор работи еден стручен работник и се врши прием само на една странка.

„Странките чекаат бидејќи многумина не знаат да ја пополнат апликацијата па тоа го прави стручниот работник. Исто така, до 15.10.2020 година беше рокот за аплицирање за образовен додаток за сите корисници кои имаат деца во основно и средно образование“, наведуваат од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје.

Освен гужви пред државни институции, веќе секојдневие станаа и редиците пред банките низ земјава. Иако од Банкарската асоцијација тврдат дека работат според протоколите на Владата и ги почитуваат мерките за превенција, засега банкарскиот сектор не се решава да работи двосменски се со цел побрзо граѓаните да ги завршат своите обврски.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button