Османи: Бугарија го оспорува краткото име на државата и македонскиот јазик

Бугарија го оспорува краткото име на државава, поточно Северна Македонија како и македонскиот јазик. Ова го изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој исто така додаде дека двете земји имаат различни очекувања од Договорот за добрососедство што беше потпишан и за оваа цел формираа работни групи за надминување на овие разлики. Османи вели дека доколку работните групи имаат тешкотии да најдат заеднички јазик, тогаш тие, како министри се подготвени да им помогнат.
„Во текстот на рамката за преговори се спорат два моменти, краткото име, јазикот и секако потребата да се следи спроведувањето на договорот во текот на целиот процес на преговори. Тие бараат посебно поглавје за односите меѓу Северна Македонија и Бугарија што значи, за спроведување на Договорот за добрососедство“, рече Османи.
И покрај отворените прашања меѓу Скопје и Софија, Османи останува оптимист дека разговорите со ЕУ ќе бидат отворени до крајот на годината.
„Се разбира, како предуслов за одржување на овој прв состанок или за почеток на разговорите, мора да има консензус за овој текст, за кој Бугарија има свои забелешки и ги поставува таму. Затоа се овие разговори што се водат меѓу двете министерства за надворешни работи на двете земји, за да видиме какви се очекувањата, кои се разликите и каде можеме да најдеме заеднички јазик“, додава Османи.
ВМРО ДПМНЕ, пак, го обвини премиерот Зоран Заев за уништување на македонскиот идентитет.
По вчерашната изјава на Заев дека е подготвен да потпише дополнителна декларација со Бугарија, ВМРО ДПМНЕ го повтори ставот дека секој нов договор што може да влијае на македонскиот јазик и личноста на Гоце Делчев ќе биде поништен од владата која ќе ја води ВМРО ДПМНЕ.
Мефаил Исмаили