
Стоковите резерви се стабилни, има доволно државни резерви и во моментов нема потреба од нивно ставање на располагање, вели министерот за финансии, Фатмир Бесими за „Тема на денот“ што се емитуваше вчеравечер на Сител телевизија.
Тој потенцира дека уште од првиот ден од нападот во Украина, одржана е итна седница на Владата на која се разгледани сите аспекти, а како една од точките за кои се дискутирало било и за стоковите резерви.
-Има доволно и на соодветно ниво на државни резерви, но и потребни количини на пазарот. Преку Министерството за земјоделство имаме информации колку резерви има од трговците и апсолутно нема простор за шпекулации, вели Бесими.
На прашањето дали во Буџетот се предвидени средства за исплата на ветеното зголемување на пензиите од илјада денари по месец, министерот вели дека во моментов Пензискиот фонд е ликвиден и планираните средства ќе се исплатат од таму, а понатаму зголемувањето на пензиите ќе биде покриено со ребаланс на Буџетот за 2022.
Притоа, нагласи министерот, зголемувањето на пензиите нема да подразбира зголемување на придонесите.