Шест месеци се бара одговорност за пожарот во тетовската болница

Половина година по трагедијата во Тетово сè уште нема одговорност за изгорената модуларна болница. Обвинителството шест месеци е во предистрага и засега нема посочено кој би можело кривично да одговара за тоа како до темел изгоре болницата. Во Обвинителството уште се анализира.
„Сите извештаи се анализираат во корелација со останатите прибавени докази, како и со вербалните искази на сослушаните сведоци и други лица кои имаат сознанија за настанот. Анализата на сите прибрани докази е во тек. Јавните обвинители, по целосно утврдување на фактите во предметот, ќе донесат одлука за која јавноста веднаш ќе биде известена“, наведоа од Обвинителството.
Сепак од обвинителството не одговорија на прашањето на Алсат кога петтемина обвинители од ОЈО Тетово и Скопје кои работат на предметот ќе го реферираат пред ЈОРМ и зошто досега тоа не е направено. Комисијата е формирана во состав од виши обвинители и сите тие заедно треба да одлучат дали да се отвори истражна постапка и дали да има кривична одговнорост. Алсат неодамна објави дека предистрагата е при крај и оти таа покажува елементи за кривично гонење, но обвинителството не одговори дали случајот со модуларната болница ќе има таков епилог.
Токму ова, треба да биде предмет на разгледување пред високите органи на Обвинителството. Ноќта на 8 септември живи изгореа 14 лица, од кои 12 ковид пациенти. Тогашниот министер за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани поднесоа неотповикливи оставки, кои не беа прифатени. Сепак тие не се дел од новиот владин состав.
Игор Стефановски