И покрај агресијата врз Украина методологијата за членство во ЕУ не се менува, вели евроамбасадорот Гир

Евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, во своето вечерашно гостување во емисијата „360 Степени“ на Алсат рече дека агресијата врз Украина е своевиден сигнал за итност, кога е во прашање евроинтеграцијата на регионот, но нагласи дека итноста не може да ја промени основната методологија за членство.
„Секако дека постои итност бидејќи гледаме драматични настани коишто се случуваат во Украина. Но, таа итност нема тенденција да ја промени основната методологија којашто е во врска со пристапниот процес. Што, како што знаете се реформи коишто ги подготвуваат земјите кандидати за членството во ЕУ. Тоа значи да се осигура владеење на правото, системи за превенција на корупцијата, како и развој на бизниси компетитивни со единствениот европски пазар од 450 милиони консументи“, рече Гир.