Повеќе од 1000 лица во Струга се уште чекаат пари за изборите

Речиси половина година од одржувањето на локалните избори во октомври лани, членовите на изборините комисии во Струга, се уште не ги имаат добиено парите. Само во Струга станува збор за повеќе од 1000 лица, членови на избирачките одбори и Општинската изборна комисија. Тие не сакаат да зборуваат пред камера, но се револтирани од ваквиот однос. Алсат дознава дека на посебна сметка на општината овие пари легнале минатата недела.
„Мене не ми е јасно како може до ден денеска општината, а ако се знае дека парите се легнати на сметка, секој ден да не лажат, денес,утре, а никако парите да се исплатат. Имаше овде во Струга два круга. Треба да добиеме по 7000 денари.Јас години одам на избори, но до ден денес ова не е случено, да не ни се исплатени парите.Цела Македонија доби пари, само Струга не ги исплати парите на граѓаните. Тоа е жалосно, срамота, затоа што ние тие пари сме ги заработиле“, рече граѓанин на Струга
Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски за Алсат рече дека уште минатата среда на 2 март, ги потпишал налозите не само за Струга туку за вкупно 12 општини, кои се со блокирани жиро сметки, за исплата преку Министерството за финансии преку посебна ставка за оваа намена. Според неговите информации најголем дел од општините веќе ги имале исплатено парите за изборите.
Иако и општина Охрид беше на листата на блокирани општини, од таму уште пред неколку месеци ги исплатиле лицата вклучени во изборниот процес. /Алсат.мк
Мики Трајковски