
Електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form) што досега беше неопходен за патување и влез во Грција, од денеска и официјално се укинува, а остануваат во сила актуелните правила за задолжителен документ за Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.
Сите посетители на Грција, независно од националноста и начинот на влез во земјата, повеќе нема да биде потребно да го пополнуваат формуларот што веќе 20 месеци беше задолжителен документ, а важеше и за државјаните на Северна Македонија кои патуваа кај јужниот сосед.
Министерот за туризам на Грција Василис Кикиљас пред десет дена соопшти дека „по препорака од Комисијата на епидемиолози од Министерството за здравство, од 15 март 2022 година се укинува пополнувањето на формуларот Passenger Locator Form (PLF) за сите посетители од сите земји за влез во Грција“ и додаде дека укинувањето го олеснува процесот за влез на туристи и акцентот ќе биде на контролата на сертификатите.