Моделот на училишна настава останува ист

Целата учебна година ќе се одвива на ист начин. Засега не се размислува на промена на моделот по кој учениците ќе ја следат наставата. Министерката за образование Мила Царовска вели дека се ќе зависи од тоа како се развива ситуацијата со пандемијата. Се разгледувала опцијата учениците да се ротираат по една недела одење во училиште, но тоа веќе не е во оптек.
„Тоа ќе беше во случај доколку состојбата останеше на ниво на први октомври, и можеби се намалуваше бројот на заразени. Но, денеска имаме зголемен број на заразени и токму затоа сметаме дека овој модел треба да остане во пракса и да го одржиме до крајот на учебната година“, рече министерката Царовска.
До 20-ти ноември треба да се формираат и оценките за првото тромесечие. Царовска вели дека на места каде што ќе има дополнителна потреба за оценување на ученикот, тој ќе биде повикан во училиштето и наставникот преку индивидуална средба ќе го потврди неговото знаење. Царовска напомена и дека Државниот просветен инспекторат проверува дали децата што следат настава од далечина ги добиваат потребните материјали за учење. Инаку, министерката изјави дека до денеска, од стартот на учебната година за 18 отсто се зголемил бројот на ученици кои следат он лајн настава. Учебната година стартуваше на први октомври.
Иле Петревски