Основците да се ослободат од маските, наставниците не

Отстранувањето на маските во основните училишта е една од трите мерки препорачани од Комисијата за заразни болести. По состанокот на експертите беше констатирано дека носењето маски веќе не би требало да биде задолжително за основците, туку само за воспитно-административниот кадар од основните училишта. Протоколот за изолација доколку некој ученик е позитивен на Ковид-19, се предлага да остане ист.
Втората препорака е затворените средини како што се сали за венчавки, опери, театри, кина и други од 50% од просторот колку што беше дозволен за пополнување, да се зголеми на 75%т. Третата препорака е да не се бараат сертификати за вакцинација за влез во отворени простории. Од комисијата сепак апелираат граѓаните да не се откажуваат од вакцинацијата.
За овие три препораки се очекува да се одлучува на следната владина седница. С. Македонија останува во портокаловата зона на ризик од инфекција каде во моментов има 9,9 заразени со корона вирус на 100 илјади жители. Ова е границата што не дозволува земјава да влезе во зелената зона и да ги укине другите рестриктивни мерки како и целосното отстранување на маските.
Аднан Ќаили